Sunday, September 30, 2012

На продажба


Некоја фигура ене таму се движи
Патот и е матен, чекори нижи
Непознато е дали во далечината бега
Дали брза, или одот бавно го стега.
Во огледалото на срамот заробен образот и спие
И остра вијулица со презир го вие,
Ја витка ја крши таа слика страдна
Телото и го продала судбината ладна.
Она што духот надежно го чува
Набргу ќе пресуши како во пустина сува,
Кога повторно во непозната постела ќе падне
Иста приказна, болката во срцето ја знае
Кога грам за живот ќе добие од тоа
Нема сила умот, не може да се кае.



Порака


Пиши нешто
Од кај ќе знаеш што ќе искочи
Ради реда ете 
Акни неколку реченици
Кажи си гласно:
А пораката што е?



Невреме за вистината


Леле гледај
што е бучно таму,
па и мракот боде
ги пече очите.
Стисни очи
како пуцки-кесиња
види подобро
силуета.
Низ таа темна маглина
што како мртва болест натежнала
густа и тешка за дишење,
ете таму на крајот се гледа
бело знаме развиорено.
Не чекај!
Не е тоа знаме!
Бело едро меша,
чинам стомачен танц
бурата е музичарот
грмотевиците барабани, тарабуки.
Го мрда мевот, уште да е накинџурен
ѕвечки,
парички,
тропалки.

Страшна рака и замава шамар
мевот го опекува, ќе се црвеноса
водата го поклопува
белото едро.

А јас тука така,
едрото сакам да го крстам вистина,
за песната да ми одговара со насловот:
Невреме за вистината!



Saturday, September 29, 2012

Молба за прошка


Крцна нешто.
Дали тоа вратата се подотвори?

Низ неа побегнаа
сите мисли,
како човечиња
со ноџиња,
се лизнаа по патосот, 
некои со скејтборди,
заедно со стравот.
Празна соба
празно чувство,
дали тоа воопшто постои?

Сеедно е, нели,
дали си сам или не,
дали имаш за јадење,
и спиење.
Дали некој скришно те набљудува,
или на никого не му е грижа,
дали некој те озборува,
фали,
или пак не те познава.
Моментот е погледот,
што жари и пече,
што ќе ти биде упатен 
по зборовите „прости ми...“:
Заповед без обврска,
молба без дозвола,
прашање без одговор.

Лесно се кажува,
болно се слуша...




Yin & yang


Паѓа од небо 
едно бело топче,
расте,
бабри,
клокоти
како казанот на вештерките.
Добива чуден облик
четири стапчиња закачени на еден труп
на врвот топка
името му е човек.

Тој е чудо на светот
најсовршена машина
се движи,
размислува,
решава,
создава...

Паѓа од небо
уште едно бело топче
идентично.
Расте,
бабри,
клокоти
како казанот на вештерките.
Добива ист облик
ко она првото
чиниш клон ќе да е,
само има црно јадро.

Црно му јадро злоба,
црно му јадро омраза,
црно му јадро љубомора,
црно му јадро дволичност,
црно му јадро мрзливост.

Името му е нечовек.

Тој е друго чудо на светот
оној подземниот.
Се што е создадено – уништува,
изграденото го урива,
роденото го убива.

Но судено е ете
човекот и нечовекот
заедно да живеат,
ист свет да делат
взаемно да работат,
едниот да создава
другиот да уништува.

Се додека не си подадат рака,
Нечовекот прв попушта
се понизува,
се предава.
Нечовекот се поклонува,
човекот се издигнува,
човекот преовладува.


(Упс) нечовекот го измамува
нож тајно му вденува
неочекувано го убива...
...Ах човекот умира
поради својата добрина.




Ужас


Линии црни
минуваат крај мене,
времето минува,
безвремено останува,
бездимензионално станува.

Магла се шири
подмолен ужас се влечка по земјата.
Бара милост!
Се закачува
на оние слабите
на самите.
Со ококорени очи ги гледа
со поглед ги сече.
За нозе им се влече
своите нозе ги остава
со рацете се зграпчува
со ноктите се вклештува
језиво гребе.
Бара милост!

Друг се придружува
на осамениот лик,
ужасот се откажува,
си ги бара нозете
се закачува за друг
за друг слаб
осамен.
Со ококорени очи го гледа
со поглед го сече
за нозе му се влече
своите нозе пак ги остава
со раце се зграпчува
со ноктите се вклештува
језиво гребе.
Бара милост!

Вечноста е на негова страна.
Тој бесмртен ужас
за секој се закачува,
има време,
се храни,
не умира,
само се закачува.



Monday, September 24, 2012

Непознат лик


Замисленоста е дел
од мојот репертоар,
мисли ме напаѓаат
како мравките зрната
ме совладуваат.

Нема усна зборува
со брзината на светлината.

Во бездимензионалниот простор
силуета се доближува
ликот и е замаглен
како планина во далечината.
Мислите и се скриени
длабоко во сржта
длабоко во крвта.

Безличното лице
немо зборува
слепо гледа
глуво слуша
нема име
само останува.
Минува крај мене
не ме приметува.
Проѕирно е
како крилата на осата
се гледа само осилото
во црното срце.
Тивко продолжува
не се обсврнува
не се сеќава.
Само поминува
како магла низ личноста
како студот низ телото
како злото крај белото.




Беда

Водена е улицата
водена од солзи,
голи нозе газат
во вирчиња плискаат
влагата ги гази,
како ноќна пеперутка
со студени нозе ги лази.

Голите нозе црни се,
нечисти,
мали, невини, детски,
осатвени во сиромашниот свет
боси да газат
гладни да си легнуваат.
Кантите им се маркет,
стреите – кров,
скалите – кревет.

Како што гледам
нема милост,
никој не подава рака
а камо ли пара.
Со бушави косичиња
и тажни лица
исполнети со флеки,
оваа беда животот им го цица.
Подаваат рака
за ситна пара
да купат корка леб,
но никој да даде не сака.
Ладно ги одминуваат,
иронично ги исмејуваат,
тоа сме луѓе ние оние
што светот го уништуваат!




Thursday, September 20, 2012

Причина


Насмевни се!
Внимавај! - Не језиво
како морничавите кловнови,
ниту цинично
како Mамли во цртаните,
ниту вештачки
како пластичните принцези.
Насмевни се природно,
сета среќа е твоја!
Гушни го светот
како едно плишано мече.
Скокоткај ги под пазувите
оние кои се прашуваат
која е причината
за твојата насмевка.
Скокоткај ги за да се насмевнат и тие,
па нели е прекрасна насмевката
за која си ти причината?






Сонувајќи со отворени очи



Многу сонувам
да сме голи заедно
со телата припиени
како сардини во конзерва.
Со ќебе прекриени
да се топлиме
и топиме
како снег на пролет,
да бидам како земјата
за да те впивам жедно
како растопениот снег.
Ти да бидеш дигнатото кокиче
јас немирната девојка
којашто првпат го промирисува
новиот цвет.
Да се раѓаат топли бакнежи,
страсно во ноќта,
во длабоката темнина
да сјајнеме заедно
како едно тело
осветлени од месечината.
Чудно нешто си ти:
сладок, а сепак зачинет;
мил, а сепак див,
со вкус на путер од кикиритки
со мирис на лаванда,
со здив на змеј,
со поглед на лав.

Но утрото штом ќе самне
писмо до себе да најдам,
не проштално,
туку порака
дека ме сакаш
и дека појадокот
ме чека во кујната.



Déjà vu



Краток момент
кога срцето ти се забрзува,
здивот се губи,
кога брзо трепнуваш
изненадено,
кнедла во грлото
ти застанува,
некое (прет)чувство
чувствуваш
со име од Франција
веќе виденото
Déjà vu.
Се’ се става на repeat
џоа стара лента
со црно-бела матрица,
мали прекини
и шуштења во ушите,
дали тоа некој
си игра со сеќавањата?
Исто место
исто време,
исти личности
иста случка,
иста реакција
твоја.
Се загледуваш во точка
те прашуваат што ти е
велиш:
Само што доживеав воскреснување
на блиското, далечно минато.



Flashback



Темен момент
осветлен со кандела црвена светлина
фатен на дело
како крадец
што тивко се мушнува
низ предната врата
со мрежа за комарци
тропајќи несмасно
сопнувајќи се.
Закачен на жица
е тој момент
дел од секунда
се создава дур да трепнеш
а се развива подолго.
Закачен е велам
со црна штипка
како гаќите на жена
што после првата брачна ноќ
се зголемуваат се повеќе.
Треба време
да се развие
темнината да избледи
лица да се појават
како сеќавање низ магла
прво очите
на крај позадината.
Тука е сликата
сеќавање на хартија,
може да се уништи
по можност да се запали
или искине,
не е вредна
како сеќавањето
останато во мозокот
неизбришливо,
неуништливо.

Но вреди нели,
да служи како
алатка за потсетување
за кога срцето ќе заборави
окото да се присети.